Од Скопje до Берлин: Наследството на жените во архитектурата
Архитектонската изложба „Жените во Македонската архитектура: Обновата на Скопје“ се отвори во галеријата BHROX Bauhaus Reuse во Берлин, Германија. Изложбата, презентирана од архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски, привлече разновидна публика која е желна да ги истражи креативните придонеси на жените архитекти во Македонија.
Сместена на Ернст-Ројтер-Плац, галеријата BHROX Bauhaus Reuse е изградена од оригинални фасадни елементи на историската школа Баухаус во Десау. Таа претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство. Освен што ја зачувува историјата на Баухаус, галеријата функционира како трансдисциплинарна урбана лабораторија посветена на истражување на иднината на модернизмот, градењето култура и одржливоста. Преку работилници, изложби и партиципативни проекти, BHROX активно ја ангажира јавноста, служејќи како жива културна платформа за преиспитување на тоа како архитектонското наследство може да влијае на современите културни и еколошки практики.
Изложбата „Жените во Македонската архитектура: Обновата на Скопје“ ја заклучува програмата „Модерна еманципација“, која започна со Фестивалот на жените во архитектурата (WIA2025) во јуни 2025 година и е дел од Триеналето на модерното (TDM2025), кое се одржува по петти пат во градовите историски поврзани со школата Баухаус: Берлин, Десау и Вајмар.
Оваа изложба е резултат на долгогодишно истражување и ја истакнува креативната работа на македонските жени архитектки, со цел да се подобри разбирањето, видливоста и културното вреднување на нивното архитектонско наследство за идните генерации. Претставени се над 30 дела од избрани жени архитектки, меѓу кои Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Миќева.
Образовани во реномирани архитектонски школи и културни центри низ поранешна Југославија - Белград, Загреб и Љубљана - каде што европските модернистички идеи течеа директно од Париз, Берлин, Виена и Прага, овие архитекти се вратија во Скопјe и работеа во различни дизајнерски организации, значително обликувајќи ја мaкедонската архитектонска сцена и инспирирајќи ги помладите генерации со модернистички идеи и култура.
Прославата на мaкедонската архитектура во Берлин продолжува во Берлинската галерија, клучна културна институција посветена на модерната уметност, фотографијата и архитектурата. Таму, кустосот Катарина Депиш, заедно со архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски, ќе водат водена тура и дискусија насловена: „Другари и тимски играчи - жени кои го изградија Источен Берлин и Скопјe“.
Изложбата „Жените во мaкедонската архитектура: Обнова на Скопјe“ ќе остане отворена за јавноста до 14 декември 2025 година, нудејќи единствена можност да се истражат виталните придонеси на жените во обликувањето на архитектонскиот идентитет на Скопјe.
Denica, OLS Community Manager - Macedonian